Топлото време и потрагата по храна ги симна змиите од Водно во градот. Жители од Жданец забележаа змија во својата населба. Скопје сезонава се соочува со наезда на змии.
Неодамна и жителите на улицата “Славејко Арсов” неодамна имаа неколку несакани средби со влекачи.
Возејќи велосипед жител од оваа улица видел како нешто му се замотало околу тркалото. Кога застанал, видел дека е змија.
- Ме изненади, но не се исплашив многу. Сепак се плашам за децата. Мали деца си играат овде, тие не разликуваат што е врвка што е змија. Општинските служби треба да бидат поажурни во косење на тревата, а комуналците во чистење на шутот и ѓубрето. Сепак на Водно има градежна експанзија и многу места каде што змиите може да најдат скривалиште. Но барем каде што може по јавните површини комуналците навреме да ја косат тревата, вели скопјанецот кој испрати слики.
Познавачите на влекачи велат дека нормално е кога змиите се будат од зимски сон во потрага по храна да се симнат и во градот, особено во периферните делови на градот.
- На 21 и на 22 март падна снег, а сезоната на будење на змите беше започната. Не сите змии одеднаш излегуваат. Но заради снегот опаднаа температурите и змиите тој период се вратија назад. Сега откако нагло се стопли времето има зголемена појава на сите видови влекачи и веќе сите се излезени. Од 15 март до 15 октомври на змиите им е процес на хранење и парење. Од април до јуни им е парењето. Ова е нивно нормално однесување, не се поагресивни. Од 16 видови змии кај нас само пет се отровни, а од нив само поскокот е директна закана и може да доведе до смртни последици и веднаш треба да се побара помош. Смоковите кои најчесто ги има низ градот се безопасни, вели Богољуб Стеријовски, херпетолог од Македонското еколошко друштво.
Во урбаните средини змиите се симнуваат ако има извор на храна, глувци и стаорци. Стеријовски препорачува доколку граѓаните видат змија во широк круг да ја заобиколат и да не ја фаќаат. Дворовите да им бидат искосени, шутот да е отстранет. Во природа да се носат соодветни затворени чевли и долги панталони, да се гледа каде се седнува и каде се ставаат рацете. За разлика од смоковите, поскокот има рокче на главата по кој може граѓаните да го распознаваат.
- Змиите може да поминат препрека која би била половина повисока од нејзината должина односно ако е еден метар, може да помине препрека од половина метар. Змијата ќе има интерес да влегува во куќи ако има глувци. Затоа да се држат вратите затворени во лето, дворот среден. Кога некој е каснат од поскок од 4 до 6 часа најмногу треба да стигне до медицински центар да побара помош. Најранливи на змиски отров се децата и постарите бидејќи кај нив организмот не дава најбрза одбранбена реакција и мора итно да се реагира. Иако медицинските центри имаат серум сепак него треба да го стави медицинско лице бидејќи 50:50 е процентот лицето да е алергично на серумот, истакнува долгодишниот проучувач на водоземци и влекачи, Стеријовски.
Инаку, за два месеци на Клиниката за инфективни болести четворица граѓани побарале помош поради каснување од змија. Три од нив биле минатиот месец и едно каснување е пријавено во мај. Сите случаи поминале без компликации и се случиле во рурални средини. Од клиниката појаснуваат дека при каснување од змија сите пациенти се хоспитализираат и се следат. Отровот може да предизвика разни компликации на респираторниот систем, тешко оштетување со тромбози и смрт.