Во дел од земјите во соседството и во Европа, се олеснуваат мерките воведени поради пандемијата со КОВИД-19.
Од вчера се укина вонредната пандемиска состојба во Бугарија, а некои антиепидемиски мерки се уште остануваат. Како што пренесуваат медиумите, се укинува барањето за задолжително носење заштитни маски во затворени јавни места, одржување физичка дистанца, за ограничување на бројот на лица кои можат истовремено да бидат во затворен простор, како и за забрана за посета во болниците. Носењето заштитни маски останува пожелно за места каде што се собираат многу луѓе.
Од вчера до 15 мај сите лица без разлика од која земја доаѓаат во Бугарија, ќе треба да приложат валиден дигитален сертификат на ЕУ за вакцинација, за прележаност на болеста, тест или сличен документ што ги содржи истите податоци. Лицата кои нема да достават барем еден од овие документи ќе бидат примени на територијата на Бугарија, но ќе бидат ставени во 10-дневен карантин.
Албанскиот технички комитет за справување со пандемијата вчера одлучи за дополнително олеснување на анти-ковид мерките. Според Мира Ракацоли, претседателка на Комитетот и заменик-министерка за здравство, се укинува мерката за собири со само 50 лица, а и понатаму останува задолжителното носење заштитна маска во затворен простор и петдневната изолација за лицата позитивни на опасниот вирус.
– Одлуката се базира на анализата на состојбата која е стабилна, со континуиран пад на нови случаи. Во сила и понатаму е мерката со која секој граѓанин кој влегува во Република Албанија треба да поседува вакцинален пасош, ПЦР тест или потврда дека ја прележале болеста, со исклучок на деца помали од 6 години. Вработените во државната администрација треба да имаат цертификат за примени вакцини, рече Ракацоли.
Претходно, Комитетот на експерти по речиси две години го укина полицискиот час, кој траеше главно од 23 до 6 часот, но во одредени периоди и од 20 и од 22 часот до 6 часот. Еугена Томини, директорка на албанскиот Институт за јавно здравје информираше дека со една доза опфатени се 49, а со две 45 отсто од популацијата. Таа додаде дека вакцинирањето е отворено за сите над 12-годишна возраст.