Денеска на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија се изврши примопредавање на донација од Исламик Релиф од Соединетите Американски Држави, во вид на 150 нови кислородни концентратори.
Министерот за здравство информираше дека станува збор за 150 килородни концентратори кои ќе пристигнат во три етапи во Македонија. Првата количина е веќе пристигната, втората ќе пристигне кон октомври, а третата до крајот на годината. Станува збор за комплетно нови концентратори, од кои 70 ќе бидат дистрибуирани на универзитетските клиники, а останатите во другите јавни здравствени установи, посочи Сали.
Во однос на можниот недостиг на електрична или топлинска енергија, министерот изјави дека Здравството ќе функционира како што функционира и во изминативе 30 години и нема да се соочиме воопшто со недостиг на електрична или пак топлинска енергија. Во одговор на новинарско прашање, министерот Сали информираше дека пред две недели е пуштен допис до сите јавни здравствени установи да се погрижат за минималната заштеда на електрична енергија.
– Доколку успееме да заштедиме до пет проценти, не во виталниот дел, туку во деловите што се поддршка, како на пример ноќно осветлување на објектите, парковите ќе оствариме минимална заштеда во целосниот систем, изјави министерот.
Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, д-р Дејан Докиќ, пак, појасни дека новите апарати ќе помогнат подобро да се згрижат и лекуваат пациентите со респираторни заболувања, хронични и акутни болести. Тој во однос на проблемот со електричната и топлинската енергија изјави дека очекува да добијат доволно средства од Фондот за здравство и очекува помош од сите институции.
– Се чувствувам обврзано да преговарам со Фондот за здравство, за да можеме да добиеме дополнителни средства. На помош треба да излезат сите институции, затоа што се работи за пациенти, за нивниот живот. Клиниката е во долгови, сметките за струја се општи со сите интерни клиники, така што не ја знаеме точната сума за нашата клиника, бидејќи се делат процентуално заедничките трошоци, додаде д-р Докиќ.