Жителите на градот Велес веќе неколку месеци немаат кожен доктор во Општата болница-Велес. Единствената докторка е неколку месеци на боледување, а пациентите се упатуваат на специјалист во Скопје. Ваквата состојба трае пет месеци. Портпаролот на Општата болница-Велес д-р Елена Левкова Ќулумова во изјава за македонските медиуми информира дека докторката по кожни болести од боледување ќе се врати во јануари следната година.
Покрај недостиг на кадар за кожни болести, жителите на Велес немаат специјалисти и за други здравствени услуги. Во изјава за медиумите, д-р Лилија Чолакова Дервишова, матичен доктор и доктор по семејна медицина, воедно и претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛРМ), оценува дека состојбата со немањето на специјалистички кадар во велешката Болница е многу сериозна.
Жителите на Велес, покрај тоа што немаат можност за преглед од кожен лекар, немаат ниту ушен доктор со „Мој термин“, а има само по еден очен доктор и еден трансфузиолог. За град како Велес, во кој е вклучен целиот поширок велешки регион, д-р Чолакова-Дервишова вели дека е повеќе од сериозно и алармантно. Предупредува дека ваква состојба со немање на специјалисти има во поголем дел од болниците во земјава, како Берово, Ресен, Дебар и речиси сите помали градови во земјава.
– Ова е многу сериозна ситуација за сите граѓани коишто редовно плаќале и плаќаат здравствено осигурување и очекуваат да имаат достапност до здравствени услуги во местото на живеење, појаснува д-р Чолакова Дервишова.
Д-р Чолакова Дервишова предупредува дека единствениот доктор пнеумофизиолог од велешката Општа болница за еден месец ќе оди во пензија. Појаснува дека со неговото заминување, матичните лекари ќе мора да ги преупатуваат сите граѓани со тешки белодробни болести кои редовно примаат медицинска терапија, да добијат рецепт во Специјализираната болница во Јасеново или во Скопје, со што овие пациенти ќе бидат изложени на дополнителни трошоци.
Според д-р Чолакова Дервишова најдобро би било лекарите специјалисти од Скопје да се пренасочат во другите градови низ земјава со цел пациентите да не се шетаат и изложуваат на дополнителни трошоци во главниот град. Со ова би се пополниле и болниците низ Македонија со неопходниот специјалистички кадар, во интерес на граѓаните, појаснува д-р Дервишова.
Таа посочува дека немањето на специјалистички кадар во болниците во градовите е последица на тоа што со години наназад лекарите по специјализацијата не се обврзани да се вратат во својата болница, туку, голем дел од нив остануваат во здравствените установи во Скопје. Потсетува дека имаме Закон за здравствена заштита во кој се вели дека пристапноста и сеопфатноста треба да бидат еднакви за сите граѓани, но, за жал, вели тоа е само на хартија.