Министерот за здравство, Фатмит Меџити, вели дека има визија за реформа, предлог со кој ќе се дигитализира радиологија така што радиолозите ќе можат, но и ќе мораат да читаат резултати од дома. Целта е да се намали времето на чекање на пациентите по болниците и ординациите, а ќе има и ограничен број на резултати кој секој лекар ќе мора да го прочита на дневна основа.
– Имам свој предлог, визија. Дигитализација на радиологија низ цела држава, т.е. централизација на радиологијата. Во одреден град ако има доктор што чита дневно, еден рендген на една рака или нога, сега натаму нема да биде така. Онлајн ќе бидат вклучени сите. Ќе има ограничен број колку дневно треба да прочита, за да си ја изработи платата. Над тој број и дома нашите радиолози, ако сакаат за повеќе финансиски примања, ќе имаат можност да прочитаат, со цел да не се чека толку долго – рече министерот.
Здравството е во лоша состојба, признава Меџити, но вели дека има визија за реформа, со веќе најавената дисперзија на лекари низ внатрешноста, за да не мора пациенти да доаѓаат до Скопје, да трошат пари и време, туку специјалистите да им бидат достапни во нивниот град. А, апаратурата која фаќа прашина, да биде ставена во употреба.