Штрајкот во Фондот за здравствено осигурување кој започна денеска за граѓаните ќе значи дека нема да може да добијат бројни услуги. Вработените во подрачните единици ќе работат само итни предмети. Револтот кај вработените е огромен и спремни се да продолжат да штрајкуваат дури и по цена да не земат плата, до крај, а тоа ќе биде на штета на граѓаните. Бараат платата што ја добиле во декември да им остане иста, а не да им се намалува како што препорачала владата.
-Доколку се исполни намалувањето на платите согласно препораката што ја дава владата, тогаш 500 вработени паѓаат на минималец и под минималец. Ќе се вратат на ниво на кое што никогаш не биле, изјави Бранко Аџигогов претседател на Синдикатот во ФЗОМ.
Шалтерите на Фондот за здравство не работат. Не се процесираат барањата на пациентите за рехабилитација, за исплата на породилно боледување, за заверка на ортопедски помагала, а не се пресметува ни платата за цело здравство, што значи дека ако штрајкот продолжи, нема да има плата во здравствените институции. Прекинати се сите активности за договорите за вработување во јавното здравство и на тие што треба да им се трансформира работниот однос. Сервисите што Фондот ги дава електронски, функционираат што значи дека непречено се издаваат рецепти за лекови и упати за болнички процедури.
-Вработените се истрајни, расположението е да се оди до крај, додека не се потврди одлуката дека платите ќе им останат исти како тие што ги примивме во декември. Не бараме ништо повеќе, само платите да ни останат исти. Апелираме до владата на утрешната седница каде веќе пративме допис до техничкиот премиер Талат Џафери да го разгледаат нашето барање. Како што донесоа заклучок со препорака УО да ги намали платите, да донесат нов заклучок да ни остане истата плата со бод од 77,16 денари до крајот на оваа година, рече Трпе Деаноски претседател на синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Тој додава дека сите директори на подрачните единици на Фондот потпишале иницијатива со која гарантираат дека ќе се извршуваат сите работни задачи и дека ќе има пари во Фондот за исплата на платите како што се утврдени сега, но и дека ќе има пари за лекови и за помагала за сите граѓани.
-Апелирам до Министерството за финансии или кој и да го напиша она соопштение, според кое ако ни се исплатат повисоки плати дека нема да има лекови за граѓаните, да не се случи уште еднаш такво нешто. Да не се лаже јавноста бидејќи не му личи на државен орган како Министерството, да игра на емоциите на граѓаните и да ги лаже дека нема пари во Фондот за здравство. Фондот за здравство е институција со највисок буџет во државата и секогаш има пари. Ќе има пари и ако ни останат повисоките плати како што тоа го договоривме со менаџментот на ФЗОМ. На ред е владата, Управниот Одбор и Министерството за финансии да ја земат математиката во раце и да донесат одлука со која ќе ги заштитиме платите. Доколку не се донесе ваква одлука да знаете дека вработените се толку револтирани, што штрајкот нема да престане дури и по цена да не земат плата, додаде Деаноски.
Сите синдикати во здравството го поддржале штрајкот. Единствените услуги што им се испорачуваат на граѓаните се осигурувањето за малолетните лица, осигурувањето за хоспитализираните лица како и за итните случаи за лекување во странство. Лекарските комисии што ги продолжуваат боледувањата на вработените, продолжуваат непречено да работат.