Вкупно 35.921 место се слободни за идните средношколци. Сите јавни средни училишта ширум Македонија веќе од утре ги отвораат вратите за полуматурантите, кои ќе се запишат за учебната 2018/2019 година во јунскиот уписен рок. Ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени во среда. Учениците ќе бидат тестирани на 22 јуни, а конечните резултати ќе бидат објавени на 25 јуни.
Директорите на училиштата се спремни да ги примат новите ученици.
- Директорот на електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје, Ефтим Пејовски вели дека очекуваат зголемен интерес со оглед на состојбите на пазарот на трудот и потребите на стопанството. Вели, интересот бил двојно поголем за разлика од претходната година, и дека 50% од завршените основци се одлучуваат за стручното образование, кое освен знаења и вештини, нуди и соработка со компании кои по завршувањето, учениците се вклучувале во процесот на производство.
Во меѓувреме, ако некој не стигне да се пријави во првиот уписен рок, тоа ќе може да го стори и малку покасно. Второто пријавување и запишување на учениците – месецов ќе се врши на 28, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени наредниот ден, на 29 јуни.
Според објавениот конкурс кој МОН го распиша во март, учениците може да изберат гимназиско и стручно образование, (од три и четиригодишно траење), средно уметничко образование и образование за ученици со посебни образовни потреби.
Инаку, пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот рок ќе биде на 23 август.
Во меѓувреме, и факултетите полека се подготвуваат за уписи за новата академска година. Наскоро се очекува министерството за образование и наука да го објави конкурсот за упис на државните универзитети, бројот на слободни места и студиски програми.
Инаку уписните рокови ги одредуваат универзитетите, за кои пак амин дава министерството за образование. Првиот уписен рок вообичаено е во втората половина на август, вториот околу првите денови од септември, а третиот уписен рок е кон средината на месецот.