– Членството во ЕУ значи подобри здравствени услуги за сите, а за нашите деца значи најквалитетни вакцини. Пред нова вакцина да биде одобрена на пазарот, поминува низ строга регулаторна постапка за проценка на квалитетот, ефикасноста и безбедноста, напиша министерот на Фејсбук во понеделникот, но со негивот пост тој покрена лавина од коментари и реакции на социјалните мрежи

Со оваа изјава министерот ги загрижи родителите на децата кои треба да се вакцинираат или се вакцинирале неодамна и го покрена прашањето за тоа дали ако треба да се влезе во ЕУ за децата да примаат квалитетни вакцини, тоа значи дека овие кои се користат сега се неквалитетни?

Откако стана мета на остри критики од страна на јавноста и медиумите, министерот се обиде да се оправда, исто така на својот Фејсбук профил, но ниту почувствува потреба за извинување, ниту за детално објаснување.

-Моментално во потполност се гарантира за квалитетот на вакцините, затоа што истите се од реномирани производители од земји на Европската унија (Франција, Белгија, Бугарија) одобрени производители од страна на СЗО кои ги исполнуваат сите потребни стандарди. Со членството во ЕУ обезбедуваме нови вакцини во Календарот за имунизација кои ќе бидат со највисок квалитет, напиша Филипче.

Можеби со ова ќе добие поени кај својот претпоставен, премиерот Зоран Заев, но кај јавноста предизвика огромен револт. Ниту при неговата последна реакција, Филипче не одговори на прашањата кои МОРА да им ги објасни во очи на родителите.

– Дали со ова тврдите дека моментално во Македонија имаме неквалитетни вакцини?

– Дали на граѓаните им порачувате дека само ако на референдумот гласаат со “ЗА“, нивните деца ќе бидат соодветно заштитени?

– Дали свесно влевате страв кај родителите кои овој период треба да ги вакцинираат децата или неодамна ги вакцинирале или само имате многу лоша ПР служба?

Министре, дали на граѓаните им порачувате дека само ако гласаат на референдум за промена на уставното име на државата, здравствените власти ќе водат грижа за нивното здравје?

Министерот се чини е глув за безбројните забелешки од пациентите за проблемите во здравството, па додека Филипче се занимава со кампањата на владата за претстојниот референдум, почина уште едно дете за кое Фондот за здравствено осигурување под сомнителни околности не одобрил доволно пари за лекување во странство за кое било констатирано дека боледува од редок вид леукемија.

Одговор од Фондот за здравствено осигурување нема зошто за девојчето не биле одобрени доволно пари за лекување? На социјалните мрежи, гневни родители остро ги нападнаа институциите поради негрижата за овие деца.

– Донации имаше доста, меѓутоа фондот не сакаше да одобри пари за лекување во Германија. Не знам на што се должи таквата политика на фондот, но ние за жал пак изгубивме детски живот чекајќи на фондот. Срамота, се вели во еден од коментарите на социјалните мрежи.

 

– Одвојуваат по 1 милион евра за кампањи за референдум, а немаат за да спасат еден детски живот. Срамота, ќе ја носат на душа сите тие, нека почива во мир.

За потсетување, додека СДСМ беше опозиција, устата им беше полна дека кога ќе дојдат на власт нема да дозволат да умре ниту едно дете. Но, откако СДСМ дојде на власт, здравството се најде пред невиден колапс, хаосот секојдневно ескалира и продолжува додека министерот дава празни ветувања и проекти кои ги има само на хартија.

Минатото лето за само два месеци починаа над десеттина бебиња за кои одговорност не поднесе владата на СДСМ.

Пред одреден период македонската јавност беше сведок како четири деца завршија во кома поради дијабетис кој претходно не бил дијагностициран, а сето тоа било како резултат на ненавремена дијагноза четири детски животи беа ставени во ризик, а ризикот за трајни последици по нивното здравје постои.

Пред само неколку недели беше регистриран и сериозен број на заразени деца од морбили во Дебар, бројка која достигнала дури и над 20 заболени. За овој срам што се случува во македонското здравство никој не поднесува одговорност.

Дали сега Владата на СДСМ ќе одржи за секое починато дете една минута молк како што го стори кога беше опозиција? СДСМ во една прилика симболично оддаде почит со едноминутен молк за малата Тамара, чиј случај беше монструозно политизиран. Оттука колку минути молк оваа влада треба да одржи за сите починати деца откако се на власт?