Министерството за здравство годинава ќе даде најмногу државни специјализации и субспецијализации по медицина што воопшто биле некогаш дадени до сега. Според предлогот на Советот за специјализации кој се очекува наредната недела да биде разгледуван и усвоен на седница на Влада ќе бидат одобрени 240 специјализации и 115 субспецијализации во различни области на Медицинскиот факултет во Скопје.
Од Министерството за здравство велат дека очекуваат ова барање да им биде одобрено во целост. Анализата покажа дека во болниците на внатрешноста недостасуваат приближно 380 доктори, Филипче се надева дека тоа магично ќе се надомести, но го заборава податокот дека за квалитетен, просечен доктор потребни се и неколку години искуство и работа не само доделување на специјализација.
Најмногу специјалзации се бараат по анестезија и интензивно лекување, болничка и вонболничка педијатри, интерна медицина, клиничка биохемија, гинекологија, неврологија, хирургија, психијатрија. Оваа година се одобрени и 96 приватни специјализации.
Колку за споредба ако оваа година се очекува да се одобрат 355 специјалзиации и субспецијалзиации, минатите години овие бројки биле многу помали. Лани биле одобрени само 54 специјализации, додека во 2016 година само 51 специјализација во јавното здравство. Во 2015 биле дадени 119 државни специјализации, во 2014, 84, а во 2013 година, 143 специјализации.
Специјалистите кои ќе добијат државна специјализација се обврзани да останат да работата во јавното здравство најмалку 10 години. Ако сакаат да си заминат порано ќе треба да ги вратат парите што државата ги потрошила за нивната специјализација.
Поради тоа што возрасните лекари се пензионираат, некои заминуваат во приватните болници, а младите во странство во земјава станува алармантен проблем со недостигот на лекари во сите нивоа на здравствениот систем.