Здружението Нефрон не беше вклучено во тендерската постапка за доделување на концесијата за центрите за дијализа, ниту пак како Здружение на граѓани имаме законски компетенции и можности да бидеме дел или да влијаеме на одлуката за доделување на концесиите за дијализа. За сите евентуални недоследности во текот на постапката кои се однесувале на огласувањето, евалуацијата, изборот и транспарентоноста на постапката поддржуваме надлежните институции да го кажат своето мислење, но не поседуваме никакви информации или докази со кои во минатото сме покренале или би покренале било какво обвинение или истражна постапка – велат од Здружението Нефрон во вчерашното известување до јавноста, а со кое, како што појаснуваат, сакаат да се оградат од поединечни изјави и дејствија на поединци, кои не се став на Здружението Нефрон и не ги коментираат.
„Здружението Нефрон во соработка со Министерството за здравство, ФЗОМ и сите други национални и локални чинители од оваа област, особено со трите приватни здравствени установи за дијализа ПЗУ Диамед Македонија, ПЗУ Систина Нефроплус и Специјалната болница за нефрологија и дијализа Диамед се залага и го поддржува енормното подобрување на условите за дијализа во изминатите 5 години и за истиот период Здружението нема позначајни забелешки за работата на центрите за дијализа“, појаснуваат од Нефрон. Оттаму велат дека има подобрување на услугите и условите и во јавно-здравствените установи за дијализа (Универзитетска Клиника за нефрологија, Заводот за нефрологија Струга и ГОБ „8. Септември“).
–Со воведување на концесионерството се залагаме за воведување на современи процедури во дејноста кои директно влијаат на квалитетот на дијализните третмани и со тоа на квалитетот на животот на пациентите. Набавена е нова опрема, подобрени се условите во центрите за дијализа, се набавуваат современи и квалитетни потрошни матерјали, обезбеден е превоз и храна за секој пациент,секој пациент е згрижен соодветено во најблискиот центар за дијализа според местото за живеење а за пациентите се грижи едуциран и стручен персонал – лекари, сестри,техничари и др. Во органите на управување на Здружението Нефрон не се расправало и не е излезен официјален став или постапка во врска со било какви сомнежи поврзано со постапката за доделување на концесиите, напротив отсекогаш сме нуделе соработка и сме имале можност да соработуваме со избраните концесионери и заеднички да допринесуваме во подобрување на квалитетот на услугите кои тие ги нудат, а пациентите на дијализа се корисници – нагласуваат од Нефрон.