10 Октомври е светски ден на менталното здравје. Оваа година тој се добележува во услови на пандемија од Ковид-19. Светскиот ден на менталното здравје започна да се обележува од 1992 година со цел менталното здравје на луѓето ширум светот да се стави како тема во фокус и да се инвестира во оваа сфера на различни нивоа.
Менталното здравје вклучува емоционална, психолошка и социјална благосостојба. Менталното здравје влијае на тоа како размислуваме, што чувствуваме и како дејствуваме. Исто така, од менталното здравје зависи како се справуваме со стресот, како се однесуваме со другите и како ги правиме изборите. Менталното здравје е важно во секој период од животот, во текот на детството и адолесценцијата вклучувајќи ја и зрелоста.
Менталните нарушувања вклучуваат: депресија, биполарно афективно нарушување, шизофренија и други психози, деменција, интелектуална попреченост и нарушувања во развојот, вклучувајќи аутизам. Стресот, генетиката, исхраната, перинаталните инфекции и изложеноста на опасности по животната средина, исто така, придонесуваат за појава на ментални нарушувања.
Постојат ефикасни третмани за менталните нарушувања и начини за ублажување на страдањата предизвикани од нив. Клучот е пристапот до здравствена заштита и социјални услуги кои можат да обезбедат третман и социјална поддршка.
СЗО на чело со генералниот директор Тедрос Аданом Гебрејезус посочи дека доброто ментално здравје е апсолутно клучно за целокупното здравје и благосостојба. Епидемијата на коронавирус ги наруши основните услуги за ментално здравје ширум светот токму кога тие се најпотребни. Тој додаде и дека пандемијата сериозно се одразува на менталната состојба на луѓето.
Но она што можеме да го воочиме е важноста на менталното здравје за целата популација. Од министерството за здравство посочуваат дека во услови на Ковид-19 важно е да се обрне внимание на влијанието на кризата врз менталното здравје на групите под ризик, како што се повозрасни лица, децата и адолесцентите, различни групи со зголемен ризик за насилство, лицата кои веќе се лекуваат од ментални растројства, како и на здравствените работници, кои несебично ги вложуваат сите свои човечки потенцијали за справување со пандемијата и за зачувување и подобрување на здравствениот статус на населението.
Апелот е насочен кон граѓаните да побараат стручна помош, психијатар или психолог доколку стресот е присутен во текот на дневните активности подолг период и не успеат да најдат начин како да се справат со него, велат од Министервото за здравство.