Доцент Д-р Игор Николов во интервју за еден наш електронски медиум ја изрази својата загриженост за генералните проблеми со кои нашиот медицински персонал секојдневно се соочува во борбата против коронавирусот. Тој посочи дека матичните лекари како и лекарите кои работат во амбулантите се целосно потценети, односно не се даде никакво значење на нивната вредност во целиот ланец на медицинска одбрана од коронавирусот.
-Уште од почетокот на епидемијата со коронавирус во Македонија можевме подобро да се поставиме и да ги избегнеме денешниве проблеми кои што ги имаме. Генералните денешни проблеми се недостиг на медицинска опрема, односно недостиг на маски, ракавици и капи за персоналот и тоа за лекарите кои се на првата линија. Некако се потцени вредноста на лекарите како што се матичните лекари, лекарите кои работат во амбуланта. Можевме да одбегнеме да имаме битка за респиратори во овој момент доколку навреме се испланираше потребата од респиратори, истакна Николов.
Тој оценува дека снабдувањето со опрема било многу чудно поставено како и менаџментот на криза.
-И низа други работи можеа да бидат подобри особено следењето на ризичните групи, а во нив ја вбројуваме дијаспората, сите оние кои се вратија во Македонија, епидемиолошките анкети кои се направија за нив покажуваат дека кога влегувале во државата, никој не им дал совет каде да одат, што да прават, при кои симптоми да одат на лекар, дали да одат во болница или на матичен лекар, дали да се јават во Институт за јавно здравје, посочи Николов.
-Ние баравме одамна да се формира кризен штаб кој се формира прилично касно и уште не се знае како дејствува. Се покажа дека беше многу добро што Дебар се затвори, но се затвори на апелите на опозицијата. Сето она кое се одвиваше од алармирањето на првиот случај со корона до моментот која Министерството почна сериозно да се разбудува беше практично од директорите назначени од министерот за здравство кои со нивното несоодветно однесување придонесоа да се рашири вирусот, а во исто време придонесоа некој да се свести и да размисли дека ова што доаѓа може сериозно да удри, истакна тој.
Д-р Игор Николов вели дека болниците не биле целосно координирани за да се види колкава залиха на опрема имаат.