Дејвид Агус е најпознатиот и најценет доктор во Холивуд. Славата ја стекнал лекувајќи го Стив Џобс, кој со помош на неговите совети живеел 7 години повеќе од предвиденото, иако имал редок и тежок облик на рак на панкреасот.
Тој во едно интервју зборувал за советите кои му ги давал на Џобс, но дал и совети кои помагаат во спречување на појава на оваа болест.
Како и кога го запознавте Стив?
„Отприлика по една година откако му беше дијагностициран ракот. Јас се залагам за агресивен и иновативен пристап во лекувањето на рак. Верувам во модерните начини на лекување и мислам дека тоа го импресионираше Стив”.
Факт е дека Стив беше вегетаријанец. Дали тоа му помогна или го спречи во борбата против оваа болест? Што го советувавте да јаде?
„Беше вегетаријанец, но во текот на лекувањето по мој совет јадеше риба. Секогаш кажувам дека е подобро да се користат масти. Мастите мора да се јадат, но само оние добрите, незаситените”.
По што се разликуваше Стив од другите пациенти?
„Беше неверојатно паметен и ја разбираше медицинската терминологија. Можев да разговарам со него за неговата состојба, а притоа ништо да не морам да поедноставувам”.
Анџелина Џоли ја отстрани дојката само поради ризикот од појава на рак. Како ви се чини нејзината постапка?
„Верувам дека Анџелина Џоли постапи херојски, зборувајќи јавно за својата одлука. Таа стана пример на многу жени. Главната работа е дека нема ништо срамно во болеста и дека за неа треба да се разговара”.
„Ракот е самодеструктивен, во смисла дека ги збунува нашите сопствени клетки. Ракот е ужас кој спие во секој од нас. Понекогаш накратко се буди, исфрлајќи група чудни клетки наречени тумори, но во повеќето случаи повторно паѓа во хибернација. Но, кога тоа најмалку го очекуваме, ѕверот се пробива низ одбраната на целото тело, што доведува до нарушување на клетките и до раст на малигно ткиво”.
Агус дал и неколку совети како можеме да се заштитиме од опасната болест:
„Поставете си цел постојано да се проучувате себеси и водете белешки. Слушајте го вашето тело бидејќи вие најдобро се познавате себеси. Немојте слепо да им верувате на докторите, бидете свој главен доктор.
Следете ги правилата на здрава исхрана, сон и физичка активност без оглед на денот во неделата. Морате да се навикнете да правите сè во исто време, на пример да ручате, да заминувате во кревет во исто време…
Промената на начинот на спиење во текот на викендот, во смисла на подолго спиење, може да го наруши вашето здравје. Ако си легнувате во 21 часот, а потоа во 22 часот, исто така го нарушувате вашиот циклус, дури и ако спиете ист број на часови.
Научете се да се припремите за сон… Зрачењето од компјутерите, телевизорите или мобилниот телефон го намалува лачењето на мелатонин – хормон кој го стимулира сонот. Најмалку половина час пред спиењето, исклучете ги уредите за да имате мирен сон.
Недостатокот на сон доведува до “несвесно јадење”. Мозокот го тера телото да верува дека е гладно, а всушност не е.
Дајте му пауза на мозокот. Моментите во кои ви е “здодевно” всушност се оддишка за вашиот мозок.
Секогаш трудете се да вежбате. Движењето е многу полесно отколку што се чини, особено ако знаете дека тоа е единствениот научен доказ за тајната на младоста кој не бара посебно вложување, време или пари”.