Да биде решен статусот вработените во „Еурокомпозит“, фабриката нормално да работи, а луѓето да ги земат заостанатите плати и придонеси. Работниците кои денеска поставија шатори пред Владата, побараа Заевата гарнитура да ги исполни декларативните ветувања со кои ги смируваат веќе 7 месеци.
Пристигнаа со автобус, и како што велат и ќе останат тука се додека комплетно не биде решен статусот на компанијата во која работат.
Дополнително се револтирани зашто, премиерот при денешната посета во Прилеп, избегал од нив и ја заобиколил блокадата, за како што велат, да не се срете со луѓето на кои една година им давал лажни ветувања.
- Сега сме решени да останеме во Скопје до конечно решавање на нашава фабрика. Или сите нека нѐ прогласат за технолошки вишок или нека почне фабрикава да работи. Секоја плата ја земаме со доцнење и со штрајкови. Тоа повеќе не можеме да го издржиме, изјави Роберт Богдановски, претседателот на синдикалната организација на „Еурокомпозит“.
Работниците кои сесместија пред Владата, нервозни велат дека овој пат нема да прифатат лажни ветувања и исплаќање на една плата за да биде прекинат протестот.
Пред два месеци Владата вети дека 100 вработени веднаш ќе заминат како технолошки вишок и дека за три месеци фирмата ќе се продаде и за останатите ќе има и работа и плата. Претходно вицепремиерот рече дека „Еурокомпозит“ добро ќе работи.
А денеска пак, премиерот од Прилеп, само ги повтори зборовите од вицепремиерот дадени пред неколку месеци.
Вработените во „Еурокомпозит“ остануваат тука и ќе штрајкуваат поради, како што велат, лажните ветувања од власта и доцнењето со исплата на изминатите 18 плати.
Инаку, „Еурокомпозит“ е државно претпријатие кое произведува воена опрема.