Точно е дека мојот прв братучед Трајче Заев ја купи оранжеријата на фирмата „Мам“, потврди на собраниската седница за пратенички прашања премиерот Зоран Заев и информира дека вкупната инвестиција ќе достигне повеќе од 10 милиони евра, а во моментов се вработени скоро 30 граѓани од Свети Николе.

Одговорајќи на прашање од пратеничката Благица Ласовска, Заев рече дека производството е во тек, а првите берби се очекуваат во периодот јуни/јули кога ќе биде остварен и девизен прилив од извозот.

Според премиерот, етички е и со закон дозволено да се произведува лек од канабис, независно дали станува збор за член на семејството Заеви. Тој воедно апелира, секој што има ресурси да вложи во оваа дејност зашто е профитабилна.

– Се работи за сериозен производствен капацитет. Новите сопственици на „Мам“ се „Елиница“ од Струмица и словенечка компанија која има фабрика за произведување лек од канабис во Германија и Полска. Инвестицијата досега е три милиони евра. Исплатени се обрвските на „Мам“ кон сите што имале побарувања од претходната сопственичка структура, околу 2,5 милинои евра. Подмирени се пред се стопанствениците и институциите во Свети Николе и државата, објасни премиерот.

Докупени се, рече, и акциите на помалите сопственици со што капиталот е комплетиран.

– Целта е да бидат вработени повеќе од 130 граѓани на Свети Николе. Тоа е дејност согласно Законот што го донесе претходната власт – за производство на лек или масло од канабис. Тогаш беше издадена само една лиценца, а оваа Влада издаде уште седум, додека уште четири до пет се во процедура, нагласи Заев.

Тој лично, како што истакна, е поддржувач на вакви работи зашто од производство на лек од канабис државата очекува  нови работни места и 100 милиони евра прилив што е 0,1 отсто од бруто домашниот производ.

– Се е согласно меѓународните стандарди и регулативи. Грманија, Канада и САД во некои држави истото го прави. Се надевам дека кај нас ќе има повеќе инвестиции, а едно од најнапредните е производството во ОХИС. Веднаш после него е производството кај Крушево каде веќе берат цвет заради екстрадирање на маслото од марихуана, информира премиерот, изразувајќи уверување дека Македонија го држи чекорот во оваа дејност и дека ваквите инвестиции ќе и донесат само добро.

Заев е уверен дека до крајот на мај земјава ќе има девизен прилив од извоз на сушен продукт – цвет од масло од канабис за пазарите во Полска и Германија.

– Во Владата е отворена дебата – ако во првата реколта се испорачаат количините со девизен прилив колку што се најавува согласно пазарните берзи, државата можеби треба да размисли за акциза, рече премиерот.

МИА