По подолго време Македонската филхармонија ќе го изведе грандиозниот „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт, едно од најкрупните дела во класичната музика.

На 4 мај во 20 часот, под диригентство на миленикот на македонската музичка публика, маестро Емил Табаков од Бугарија, Моцартовото генијално дело, неговиот „Реквием“, ќе биде изведен на концертот насловен Requiem Aeternam, од страна на оркестарот на Македонската филхармонија, хорот при Факултетот за музичка уметност подготвен од маестро Сашо Татарчевски, како и солистите: Ким Лилијан – Стребел – сопран од Швајцарија, Мартин Ванберг – тенор од Шведска, Николина Јаневска – мецо-сопран и Владимир Саздовски – бас.

На овој концерт ќе бидат изведени уште две импресивни дела – „Моц-арт ала Хајдн“ од Алфред Шнитке, на кое како солисти ќе се претстават виолинистите Владимир Костов и Владимир Крстев, како и Масонска погребна музика од Моцарт.