Измените на Законот за здравствена заштита со кои треба да се укине рокот за директно преземање на доктори специјалисти од приватно во јавно здравство, кој со сегашното законско решение истече во декември 2016 година, наскоро ќе бидат дадени во владина процедура, кажа министерот за здравство Венко Филипче на отворањето на новиот оддел за трауматологија во Градската општа болница „8 септември“ во Скопје.
Измените на овој закон се неопходни за јавните здравствени установи кои имаат недостиг од кадар да можат со директно преземање да го пополнат од приватните болници. Измените се закочени, бидејќи коалицискиот партнер во Владата ДУИ не се согласува со укинување на економските директори на клиниките, бидејќи нивните кадри ќе останат без работа. Овие промени, меѓу кои и укинување на плаќањето по учинок ги најави уште лани претходниот министер за здравство Арбен Таравари.
Д-р Кристијан Костов, директор на „8 септември“, кажа дека им недостигаат торакални хирурзи за да може трауматолошкото одделение да прерасне во Траума центар, и дека за тоа е известено и Министерството за здравство и се надева дека наскоро ќе се најде решение.
Додека да се договорат со коалициониот партнер ДУИ, Филипче и владата можеби пациентите нема да имаат повеќе потреба од доктори, а можеби и докторите воопшто нема да ги има или да има потреба од нив. Но, што до тогаш, г-не Филипче?