Фирмите „Д-р Пановски“ и „Феникс фарма“ добија најголем дел од големиот тендер вреден 26 милиони евра за набавка на инсулин, инсулински игли, глукагон, ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи за периодот септември 2018-септември 2020. Иако договорите се склучени во декември минатата година, истите до Бирото за јавни набавки биле доставени дури вчера, а на веб-страницата на електронскиот систем за јавни набавки беа објавени денеска.
Од вкупната сума од 1 милијарда 648 милиони и 735 илјади денари, најголем дел доби „Феникс фарма“. односно 586 милиони и 219 илјади денари или 9.5 милиони евра. „Д-р Пановски“ доби втор најголем дел од колачот, 407 милиони и 730 илјади денари или 6.6 милиони евра. Понатаму следуваат фирмите „Фарма трејд“ со 3.5 милиони евра, „Промедика“, 1.9 милони евра, „Фармас МН“ 1.4 милиони евра, „Зегин“ 89 илјади евра и фирмата „Хоссам“ 50 илјади евра.
Министерот Филипче кон крајот на минатата година истакна дека со најновиот тендер за набавка на инсулин во однос на претходните тендери од 2012 до 2016 година, државата заштедила 4.3 милиони евра.
Според податоците од системот ,,Електронски набавки”, проценатата вредност на тендерот во 2012 година била 30.913.672 евра со ДДВ, а склучени се договори во висина од 23.289.775 евра со ДДВ. Во 2014 година проценета вредност на тендерот за набавка на инсулин била 24.373.984 евра исто со ДДВ, а склучени се договори во вредност од 22.057.907 евра. Во 2016 година проценета вредност на тендерот е 22.464.228 евра, а склучени договори во висина од 18.970.693 евра.
Минатата година Mинистерството за здравство намерно или ненамерно неколку месеци задоцни со објавувањето на новиот тендер за набавка на инсулин. Во меѓувреме инсулинските аптеки останаа празни, а дијабетичарите без неопходната терапија. Лицата со дијабетес беа принудени да позајмуваат инсулин и ленти за мерење шеќер, еден од друг за да го покријат месецот. Министерството неколку пати набавуваше инсулин без тендер, со договор во четири очи, под изговор дека ситуацијата е алармантна и станува збор за интервентна набавка.
За време на инсулинската криза во 2018 година, министерството за здравство неколкуте договори за интервентна набавка на инсулин ги направи со истите фирми, „Д-р Пановски“ и „Феникс фарм“, кои добија најголем дел од актуелниот тендер.