Министерот за здравство Венко Филипче, денеска изјави дека вакцинацијата е единствениот спас од Ковид-19. Тој најави дека од есен најверојатно на масовни настани и на отворено и на затворено би се присуствувало само со сертификат за вакцинација против Ковид-19. Во однос на здравствениот персонал тој посочи дека некаде 85% се вакцинирани, а се чекаат и анализите со опфатот на вакцинација на вработените во училиштата и градинките.
Филипче објасни дека се свесни оти интересот за вакцинација нема да се зголеми, никаде во светот вакцинацијата не е задолжителна, па затоа размислуваат за алтернативни решенија, односно за некоја форма на рестрикција.
– Ние не можеме да воведеме и никаде во светот оваа вакцинација не е задолжителна, затоа мораме да размислуваме за некои алтернативни решенија, на пример да се присуствува на настани со масовно присуство, дали на затворено, дали на отворено, дали во кино, на културни настани, само со таков сертификат и тоа е нешто што можно е да го препорачаме од есенските месеци, сега во месец јули и во август, кога има многу патувања и фреквенција на луѓето да ставиме акцент на сите овие активности кои ги правиме за да го зголемиме опфатот, рече Филипче.
Според проценките на министерот до крајот на месец јули се очекува околу 500 000 луѓе да бидат вакцинирани со една доза вакцина и приближно исто толку ревакцинирани. Сепак, според него, тоа не е доволно бидејќи се јавуваат нови мутации – индискиот е еден од нив, кои се многу преносливи. Се користат сите механизми за интензивна кампања, рече Филипче.
Според министерот, мора да им се оддаде признание на здравствените работници бидејќи дале се од себе процесот на вакцинација да биде организиран и да се спроведе.