Македонското здравство годишно регистрира околу 200-300 соеви бактерии отпорни на антибиотици, но оваа бројка не е официјална. Нема статистика, ниту може точно да се каже кај колку пациенти антибиотиците не делувале поради резистентност, зашто се штеди на проби и материјали, посочи универзитетскиот професор Никола Пановски.
Според Фондот за здравство, три до четири проценти од населението во Македонија користи антибиотици секој ден. Притоа, половината се купуваат на своја рака, без рецепт, а преку аптеките се потрошени 1,8 милиони рецепти за антибиотици.
– Можеме да кажеме колку бактерии сме изолирале. Таа бројка е неколку стотици, значи дека се работи за стотици луѓе, но тоа се само оние пациенти кај кои е земен примерок. Кај нас доста се штеди во земање примероци така што има сигурно уште илјадници кои или оздравеле или на здравјето им се искомплицирало без да имаме доказ дека бактеријата била резистентна. Тоа што го изолираме како сигурно патогени бактерии, е меѓу 200 и 300 соеви годишно во крвта на човекот при септични состојби, објасни Пановски.
Во ЕУ, се изолираат околу 300.000 резистентни соеви, а 33.000 луѓе умираат поради неможност да се излечат од инфекција со отпорни бактерии што е нешто повеќе од оние што умираат во сообраќјни незгоди. И во Македонија има такви случаи, а бројката, посочи професорот, е два до три пати поголема од онаа на починати во сообраќајки.
– Ова не значи дека во ЕУ има повеќе инфекции, туку дека поголем број од инфекциите се откриваат. Кај нас се штеди и затоа овој број што го кажувам е сигурно мал број од вистинскиот.
Фондот за здравство годишно одвојува околу 4,9 милиони евра за антибиотици.
– Преку аптеките се потрошени 1,8 милиони рецепти за антибиотици. Ова покажува дека имаме солидна бројка на трошење антибиотици, односно дека ја достигнуваме бројката од 20 дневни дефинирани дози потрошени на товар на Фондот. Ако во овие рамки ги вклучиме и комерцијално потрошените лекови, потрошените лекови во болниците и лековите искористени во ветерината, можеме да кажеме дека во Македонија се користи навистина голем број антибиотици. Тоа не е само здравствен ризик, туку претставува и финансиски товар, рече Кристина Христова од Фондот.
Според неа, нема податоци за тоа колку од населението зема антибиотици на своја рака, но претпоставката е дека барем 50 отсто од купените антибитоици отпаѓаат на комерцијалната потрошувачка, на приватно купување од страна на граѓаните во аптеките.
Никој не води евиденција, најмалку министерот за македонските пациенти, освен тоа што се покажа дека македонските пациенти користат антибиотици повеќе отколку што е потребно никаде при тоа не се огласи министерот со изјава дека има стратегија како тоа да се намали. Го нема министерот да го одврзе кесето и да ги актуелизира испитувањата, да престане да се штеди на земањето на примероци со цел да се издвојат непознатите соеви на бактерии, односно тие земања на примероци да се сведат на ниво да може секој да си ги дозволи и да бидат во државни услови.
На тој начин би се откриле повеќе непознати соеви на бактерии годишно и со тоа македонските граѓани би користеле помалку ама соодветни антибиотици за справување со бактериите кои ги напаѓаат. Каде е министерот да направи ваков домаќински разговор и ова да го предложи? Или ако не знае и не му текнало каде е министерот кога ќе се даде некој ваков предлог да го прифати? – прашуваат граѓаните по социјалните мрежи