Во Македонија два од регистрираните четири лека во Европа им се достапни на пациентите со хередитарен ангиоедем. Дали тоа може да се прикаже како успех или обезбедени минимум услови за пациентите кои боледуваат од оваа болест, сами може да процените.
Ова денеска го истакна извршниот директор на Меѓународната организација ХАЕ Интернешнел, Хенрик Бојсен, пред почетокот на третиот регионален состанок на земјите од Југоисточна Европа за хередитарен ангиоедем. Посочи дека 11 земји од регионот се членки на организацијата.
– Успеавме да донесеме тука два од регистрираните четири лека во Европа. Здружението успеа да го подобри пристапот до лекови, додаде Бојсен.
Претседателот на Здружението за хередитарен ангиоедем ХАЕ Македонија, Наташа Јовановска Поповска истакна дека бројот на пациенти е во пораст како резултат на разните активности кои ги организираат.
– Во помалите места докторите не се доволно обучени да ги препознаат симптомите. Понекогаш се случува пациентите сами да си ги препознаат симптомите и како резултат на тоа последниве години има драматичен пораст на бројот на пациенти од 11 пред пет години на 22 пациенти (20 возрасни и две деца). Очекуваме тој број постојано да расте. Во регионот бројот на заболени изнесува 1.000. Во Македонија засега се достапни две од шесте терапии понудени во светот, рече Јовановска Поповска.
Посочи дека хередитарен ангиоедем е болест која се манифестира со отоци на разни делови од телото која може да биде фатална доколку отокот се појави на грлото и поради тоа треба да се земаат лекови. Додаде дека пациентите хередитарен ангиоедем во Македонија се дел и од клиничката студија за нови терапии кои се развиваат.