Лекарите од Универзитетската клиника „Св.Наум Охридски“, старата Градска болница во центарот на Скопје бараат одговор што ќе преземе Министерството за здравство за да се обезбедат минимум пристојни услови за работа во оваа здравствена установа, додека се изгради новата болница во Општина Аеродром на местото на ортопедската клиника „Мајчин Дом“.

Проф. Драгослав Младеновиќ, од одделот за абдоменална хирургија во „Св.Наум Охридски“, на јавната дебата „Потребата од дисперзија на градски болници на повеќе точки на територијата на град Скопје“ што ја организираше Министерство за здравство, рече дека идејата да се изгради нова болница е за пофалба, но дека сега лекарите во нивната болница работат во крајно лоши услови.

„Во овие услови во кои работиме мора нешто да се направи. Што планирате да правите додека да се изгради новата болница. Беше почната реконструкција, но запре и останавме да работиме во никакви услови. Секаде во светот се дисперзираат болници и добро е тоа и овде да се направи, но што дотогаш“, рече проф. Младеновиќ.

Архитектите забележаа дека локацијата што е избрана за изградба на новата градска болница е несоодветна, бидејќи сообраќајното решение е правено за потребите на ортопедската клиника Мајчин Дом и околните згради.

„Во меѓувреме се изгради и спортска сала во близина и веќе тој дел е закрчен со сообраќај. Како сметате дека локацијата е соодветно избрана“, кажа Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, од Асоцијацијата на архитекти.

Невена Георгиевска пак забележа дека вака предложеното решение е проблем од аспект на паркирањето, бидејќи според предвидената големина на болницата потребни се повеќе паркинг места.

„Се предвидува паркинг местата да бидат во подрум. Сметам дека тоа е лошо решение, бидејќи загадувањето од автомобилите ќе се пренесува и во болницата. Препорака е ако може паркирањето да се реши на друг простор. Исто така Министерството да го обнови правилникот за минимум стандарди што се потребни за отворање болници“, рече Георгиевска.

На конкурсот за избор на идејно решение за новата градска болница стигнале пет целосни и една нецелосна понуда. Љупчо Балковски, директор на Проектната единица во Министерството за здравство, кој во Владата на Љубчо Георгиевски беше министер за градежништво, кажа дека од пристигнатите трудови, четири се наградени.

Наградените трудови беа презентирани под шифрите под кои стигнале на конкурсот и не беа објавени имињата на архитектите.