Лабораторијата на Институтот за јавно здравје со донација од САД станува регионален центар за детектирање на секаков тип патогени предизвикувачи на било каква болест. Со ова Македонија е целосно подготвена да менаџира каква било криза која во иднина евентуално може да се појави кај нас и во регионот. Станува збор за опрема вредна 570 илјади американски долари и е донација од САД.
-Заедно со амбасадорката на САД Кејт Мери Брнз го означуваме почетокот на работа на еден многу важен дел во целото менаџирање на оваа криза, а тоа е лабораторијата за микробиологија во рамки на Институтот за јавно здравје. Тоа е надградба која е единствена во регионот и има biosafety level 3, што значи дека се на соодветен начин акредитирани да детектираат секаков тип патогени предизвикувачи на каква било болест. Тоа значи дека сме целосно подготвени да менаџираме каква било криза која во иднина евентуално може во смисла на нов бран, не само нас, туку да не снајде и целиот регион, рече министерот Филипче.
Лабораторијата со оваа донација станува Регионален центар, кој, како што рече министерот за здравство, Светската здравствена организација го препозна ова надградување на капацитетитот и како единствена лабораторија во регионот нашите ги обучуваат и експертите во Албанија, Косово и БиХ.
Американската амбасадорка Брнз истакна дека овој проект, донација на САД, е започнат уште во 2018 година пред да знаеме дека ќе се појави Ковид пандемијата и претставува инвестиција во здравствената безбедност на нашите партнери, што беше неопходна. Една од работите што ја научивме од пандемијата е дека можеме да ги победиме глобалните предизвици само со заеднички напор, со инвестирање во лекарите, во научниците. Како и во САД и тука вашите лекари и научници беа предводници на тој пат, рече Брнз изразувајќи задоволство што проектот ќе има и регионално значење.
Директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети истакна дека со оваа донација ги издигнуваат микробиолошките капацитети и дека ќе се работи нешто што досега не е правено во државата.