Ниту кај родителите, ниту кај луѓето што имале близок контакт со двегодишното детенце кое почина во петокот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби не се најдени бацилоносители на менингококна бактерија. Епидемиологот д-р Владимир Микиќ од Институт за јавно здравје додава дека и дополнителните анализи од земените материјали од крвта и ликворот на детето, кои се правеле на Инфективната клиника, биле негативни. Тој додава дека нема новозаболени од менингококна бактерија.
„Она што го добивме како информација од колегите од Прилеп, не се најдени бациолоносители на менингококна бактерија во Житоше. Според информацијата од колегата од терен, кај родителите и кај другите што имале близок контакт со детето, а на кои им беа земени материјали не се најдени ни други патогени бактерии со ваква клиничка слика. Сите резултати се негативни и од дополнителните анализи правени на инфективна, а беа од ликворот и од крвта на детето“, рече Микиќ.
Дека нема да има позитивни резултати, епидемиологот Микиќ најави уште во саботата кога беше обелоденето дека починало двегодишното детенце од менингококна бактерија, која предизвикала тешка форма на сепса. Според него, кај пациентот веднаш била дадена антибиотска терапија, која ги уништува бактериите што би може да се докажат во крв или во ликвор.
Лекарите укажаа дека станува збор за ретко заразно заболување кое се карактеризира со многу тешка клиничка слика, а почнува со висока температура, вознемиреност, гадење, треска, повраќање. На клиниката детето било донесено во петокот, а болеста се јавила ден пред да биде донесено со Брза помош од Прилеп.
„Болеста почнува нагло, а симптомите се често неспецифични посебно кај деца до четиригодишна возраст, како што е и ова дете. Во наредните часови од почетокот на болеста таа прогресира во најтешка форма која, за жал, завршува со смрт“, изјави доктор Милена Стевановиќ од Клиника за инфективни болести на 25 август.
Менингококна бактерија во форма на сепса во Македонија немало последните дваесет години, подвлекоа од Институтот за јавно здравје. Бактеријата во носот или во грлото ја има само 10 отсто од популацијата. Епидемиолозите потенцираат дека ова не е заболување што лесно се шири, не очекуваат да има нови случаи иако активно се следи состојбата.
Детенцето со своето семејство во Житоше, Прилепско, било само месец и пол, живеело во странство, а најверојатно според епидемиолозите болеста ја добило во земјава.