Децата кои имаат пречки во развојот ќе можат да добијат помош во новата сензорна соба во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје. Сензорната соба во употреба денеска ја пуштија министерот за здравство Венко Филипче и в.д. директорката на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје Силвана Филипова. И двајцата се свесни дека кубурат со кадар. Велат дека допрва ќе распишеле оглас за вработување.
Филипче информира дека се работи за комплетно реновирани простории со средства од буџетот на институцијата кои досега биле целосно затворени. Посочи дека промовираат и нова програма за третман на децата со пречки во развојот и со аутизам.
Министерството за здравство, рече тој, ќе продолжи да ја поддржува институцијата и програмата.
Филипче информира дека упатиле барање за дополнителни вработувања до Министерството за финансии, за 17 дефектолози. Најави дека ќе продолжи и проектот за нов Центар за аутизам кој е поддржан од американската војска, а почнат пред неколку месеци во скопската населба Топанско Поле.
- Директорката и стручњаците од Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас целосно се вклучени во работната група која ги утврдува и кадарот и начинот на тренинг на тој кадар кој ќе работи во новиот Центар. Дечињата кои имаат потешкотии во развојот и со аутизам кои многу често досега лутаа во нашите институции и бараа помош приватно овде ќе го добијат најсоодветниот и најстручен третман согласно сите светски и европски стандарди, рече Филипче.
Директорката Филипова изјави дека децата покрај дијагностичките методи и нивниот тимски пристап кој се применува, ќе бидат изложени на дополнителни анализи.
- Ќе биде изработен сензорен профил кој ќе ни покаже на кои стимулации децата се хиперзенитивни или хипосензитивни и од тука ќе се прави план и програма за работа во сензорната соба. Ќе биде испитан и психомоторниот развој, ќе има дополнителни испитувања на говорот и ќе бидат испитувани од детски психијатри, рече Филипова.
Таа додаде дека новина е што тука ќе работат и групна терапија која е важна за овие деца да се вклопат во општеството.
Во моментов во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје работат само 14 логопеди.