Доколку е потребно, Националната организација за јавно здравје е подготвена и со термичките камери на аеродромите и со мерење на температурата со мобилни термометри, вели министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас во однос на коронавирусот.
Во интервју за грчката телевизија „Open“, надлежниот министер вели дека не постои магичен начин за вирусот да не стигне во некоја земја, но постои превенција и можност да има правилно информирање и да се избегне паника, јави дописничката на МИА од Атина.
Кикиљас вели дека министерството соработува со грчката национална организација за јавно здравје, веќе била спроведена вежба за подготвеност, а се одредени и конкретни болници.
Министерот за здравство на Грција денеска се сретна со кинеската амбасадорка во Атина, за да се информира за дејствата на Кина за справување со коронавирусот.
-За време на средбата, амбасадорката на Народна Република Кина го извести министерот за здравство за мерките што се преземаат во Кина за контрола на епидемијата. Како што додаде, кинеските власти ги откажаа сите организирани екскурзии, како во внатрешноста, така и во странство со цел да се спречи ширење на вирусот. Министерот за здравство, од негова страна, ја информираше кинеската делегација за превентивните мерки што веќе ги преземаат грчките здравствени власти како на аеродромите, така и во болниците, соопштуваат од Министерството за здравство на Грција.
На средбата, било одлучено да има постојана комуникација меѓу министерството и организацијата за јавно здравје со амбасадата на Кина.
Според грчките медиуми, на атинскиот аеродром се врши контрола на дел од патниците кои авионски од Кина пристигнуваат во Грција. Во текот на вчерашниот ден бил „вклучен алармот“, кога слетал авион со група од околу 15 кинески туристи од градот Вухан и веднаш била спроведена контрола, а резултатите биле негативни.