Комисијата за заразни болести на денешната седница побара од граѓаните да не се собираат за време на празниците на крајот од годината. Препораките на Комисијата се со цел да се спречи понатамошно ширење на корона вирусот.
Угостителските објекти од петок 18 декември до 21 јануари, ќе бидат отворени до 18 часот. Но и покрај ваквата најава, на социјалните мрежи се прават планови за пречек на новогодишните и божиќните празници.
Сѐ уште останува на сила препораката за максималниот број на лица во затворени простории да не биде поголем од 30% од капацитетот на објектот и сите внатре да бидат со маски.
-Во овој период, Комисијата за заразни болести препорачува забрана за групирање на плоштадите преку ден и славење на Нова Година, како и секаков вид собири за празниците, порачуваат од Комисијата.
– Останува во сила и забраната за групирање надвор на јавни простори на не повеќе од четири лица. Апелираме до единиците на локалната самоуправа да ги зајакнат инспекциите со цел да се почитуваат мерките“, наведуваат од Министерството за здравство.
Според властите, Комисијата ќе достави препораки за групирање во станови за време на празниците, соодветно ќе даде појаснувања за да се почитуваат препораките за групирање во домовите. Владата на следната седница се очекува да донесе одлука за овие предлози.