Лекот Трикафта е обезбеден за оссумина пациенти кои се во најтешка состојба, а се чека и за уште четворица кои се во потешка состојба. Останатите пациенти кои боледуваат од цистична фиброза ќе мора да ги почекаат измените во законот кои оваа недела се во собраниска процедура. Предлог законите се доставени во Собрание, ама официјалната процедура за измените, не е започната.
– Во соработка со поголем број на експерти, законските измени оваа недела се во собраниска процедура, поточно на 16 март. Се надевам и интенцијата е во што пократок рок да бидат усвоени законските измени што предвидуваат измени во два закона, законот за лекови и законот за здравствено осигурување. Што побрзо се усвојат законските измени, толку побргу пациентите ќе имаат поедноставна и побрза достава на сите лекови, изјави за медиумите советникот за здравство д-р Ана Данева Маркова.
Измените не ги опфаќаат само пациентите со цистична фиброза, туку и сите групи на пациенти за коишто се набавува терапија на овој начин. Инаку, од осумтемина за кои сега има лек, седум се возрасни над 18 години, а едно е дете. Шест пациенти ја примаат терапијата на Детската клиника, додека две пациентки кои се во ризична состојба лековите ќе мора да ги примаат во болница и се хоспитализирани на Клиниката за пулмологија.
На лекот „Трикафта” како спас за нивниот живот се надеваат околу 130 пациенти со цистична фиброза.