Македонија е во групата земји кои ХИВ инфекцијата ја држат под контрола. Ова беше соопштено на 39-от состанок на Бордот на Глобалниот фонд за превенција од ХИВ, туберкулоза и маларија кој се одржува во Скопје.
– Суштината на овој состанок е на кој начин тоа да го задржиме да биде така со оглед на тоа што имаме новонастаната ситуација во која државата првпат ги презема обврските за финансирање. Не сакаме овој транзициски период да излезе од контрола на начин на кој преваленцата ќе се зголеми. Ова е регионален состанок, а земјите од регионот исто така го поминуваат овој транзициски период и сакаат да учат од нашите искуства, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додаде дека многу тестови се на располагање за многу ризични групи и нема значаен пик на преваленцата на ХИВ.
Минатата година во Македонија се регистрирани 39 нови случаи со ХИВ/СИДА.