Бегалците и изградбата на центри во кои тие би биле сместени на македонска територија веќе се тема и за странските дипломати. По објавувањето на документи кои потврдуваат дека постојат планови за изградба на прифатен центар кај скопско Бардовци, упорните деманти од владини претставници и се позачестените информации дека помали групи бегалци редовно минуваат низ земјата, својот став во врска со овој горлив проблем го изнесе и Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Вели планови за изградба на камп нема, но во политиката се било предмет на промена.
- Морам да бидам искрен и да ви кажам дека знам колку што знаете и вие. Засега нема планови, ниту проекти за отворање мигрантски кампови во оваа земја. Според мене, одговорот е не, но како и се друго во политиката, се е предмет на промена, изјави Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ.
Како што ТВ Алфа веќе објави, Mинистерството за внатрешни работи во својата стратегија за работа во периодот 2018 – 2020 година покрај засилувањето на актуелните капацитети планира да гради и нов центар за прифат на мигранти со пари од странски донатори.
Во документот на МВР, до кој Алфа дојде, во делот „За справување со новите предизвици и облици на загрозување“, се зборува за „Развивање на капацитети за прифат на привремено задржани странски државјани согласно барањата и стандардите на ЕУ“. Овој документ е во спротивност со изјавите на премиерот Заев и повеќе негови министри кои се категорични дека Македонија нема да гради нови капацитети за прифат на бегалци или мигранти.
На социјалните мрежи се појави и исечок од Службен весник на РМ, каде во програмата за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2108 година под точка 1.6 стои изработка на државна урбанистичка документација за прифатен центар за странци, за потребите на Секторот за гранични работи и миграции при МВР на КП35, запишано во имотен лист број 2140 во скопско Бардовци. Токму на оваа локација се наоѓаат напуштени магацински простории на некогашната ЈНА кои Алфа неодамна ги пронајде и сними на периферијата на Бардовци.
Македонија е актуелна не само како можна локација за трајно сместување туку и дефинитивно како транзитна земја. Според последните извештаи на регионалните медиуми, но и според сведочењата на македонски граѓани, се почесто можат да се забележат помали групи на бегалци кои под превезот на ноќта, а следејќи ја железничката пруга се обидуваат, исто како и пред три години, да стигнат до соседна Србија и понатаму кон западна Европа.