Промените во Законот за здравствена заштита со кои новоспецијализираните лекари треба да се ангажираат во Брзата помош, на пунктовите за вакцинација и во патронажа не се добро пречекани од страна на Лекарската комора на Македонија. Од Комората велат дека местото на млади лекари за практика е по клиниките. Потпретседателот на комората, Илбер Бесими, вели дека клиниките имаат потреба од ангажирање на нова генерација на лекари.
„Инвестицијата во лекарите е премногу голема за тие да се потрошат во Брзата помош. Брзата помош засега ги има своите проблеми што сите ги знаеме. Младите лекари местото го имаат во здравствените установи и институции каде што ќе постигнат најдобар можен успех и способностите што ги имаат за некое поле на медицината“, изјави Илбер Бесими од Лекарската комора.
Студентите по медицина се поделени по ова прашање. Некои скакаат нивниот ангажман да биде на клиниките, а други пак велат дека и искуството во Брза помош ќе им служи во текот на кариерата.
Во последните две години, бројот на ново вработените во клиники е над 3.200, но најмногу се болничарки и друг персонал со средно образование. Сепак проблемот со немањето кадар и натаму е присутен пред се поради ниските плати и тешките услови во кои работат на лекарите.
Споредено со земјите од регионот, Македонија освен Србија има најниски плати за лекари. Просечната возраст на лекарите кај нас е 56 години, а по нивното пензионирање многу специјалистички оддели ќе останат без кадар. Најмногу има недостиг на анестезиолози, инфектолози, невролози, гинеколози и дерматолози.