Поради недостаток на медицински кадар речиси во сите болници низ Македонија на голем број медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри им било скратено правото на користење годишен одмор, дознаваат од ЗМСТА – ЗА НАС од нивни членови кои биле револтирани и незадоволни од непрофесионалниот однос во институциите во кои работат.

Преку низа жалби и поплаки кои секојдневно стигаат на нашите адреси чувствуваме потреба истите да ги споделиме со јавноста и да побараме транспарентно решавање на проблематиките од надлежните институции, реагираат од Унијата  ЗМСТА- ЗА НАС и Унијата на ЗМСТАСЛ.

„Медицинските сестри периодов се соочуваат со приморано користење на минимално законско ниво од 10 дена годишен одмор поради недостатокот на персонал во институциите. Работат дежурства и во смени со само еден ден слободен. Вишокот работни часови и работата во дежурства не се дефинирани дали ќе бидат исплатени по основ на дежурства, на ноќна работа или пак преку слободни денови за кои не се знае дали ќе може да ги искористат поради дефицитот. Голем дел од медицинските сестри се повикуваат да ги прекинат и веќе започнатите годишни одмори и да се вратат на работа. Правото на користење годишен одмор согласно сопствените потреби им е целосно оневозможено бидејќи дополнително се условени и во кој период истиот може да го искористат. Ситуацијата е алармантна бидејќи покрај малите плати и недоволно вреднуваниот труд на еден здравствен работник со средно, више и високо образование, сега незадоволството ќе расте и уште повеќе како производ на неможноста да си го искористат целосно правото на годишен одмор.“ – изјави сестра Горданка Бешлиовска, претседател на ЗМСТА- ЗА НАС и Унијата на ЗМСТАСЛ.

Од Унијата на ЗМСТАС испратиле известување и до министерот Д-р Венко Филипче и јавно ги повикаа надлежните институции да пронајдат соодветни решенија и да ги заштитат правата на оваа хумана професија.