Приградските пунктови за брза помош ќе се екипираат со нововработените лекари и сестри и ќе се направи распределба на медицинските тимови, за жителите од поодалечените места од центарот на Скопје да не чекаат долго за интервенција, велат од министерот за здравство. Филипче тврди дека и сега не се чека подолго од 15 минути за брза помош. Најави седум нови амбулантни возила, а веќе се распределени и комбињата од министерството за земјоделство, кои ќе се користат за транспорт на пациенти.
Филипче изјави дека времето на чекање во Скопје не е подолго од 15 минути за интервенција на екипа на брза помош и дека дополнително ќе биде скратено откако веќе се примени патронажните сестри и доктори во рамки на здравствениот дом не само во Скопје туку и насекаде во државата.
Пунктовите за брза помош во Драчево, Чучер Сандево и Глумово беа отворени пред три години, со цел брзата помош да стигнува побрзо до жителите во приградските населби, но поради недостаток на кадар не профункционираа.
Во моментов на ниво на Скопје пунктови за брза помош има само во три поликлиники со 5-7 екипи во смена, што и според раководството на Службата за итна медицинска помош не е доволно за покривање на потребите на главниот град.