Нема доволно гинеколози а застарена е и опремата во родилиштата низ земјата. По направениот скрининг, надлежните утврдиле дека покрај овие недостатоци, неопходна е и едукација на медицинскиот кадар за изведување на посложени процедури. Ова се главните причини поради кои голем број од гинеколошките одделенија се нефункционални или работат со намален капацитет. Министерот за здравство најави вработување на лекари, но вели ќе требаат неколку години додека тие специјализираат и стекнат искуство.
Надвор од функција се родилиштата каде нема гинеколози. Се користат во ултра итни случаи матичните гинеколози кои порано работеле во тие родилишта. Направен е увид на сите родилишта во земјата, идентификувани се сите проблеми, нема значајни отстапувања освен во кадарот во некои од нив. Сега правиме анализа како тој број доктори кои недостигаат да го надополниме. Се планира прием на лекари, решение кое веднаш нема да даде резултати. Затоа во соработка со Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје се праќаат гинеколози таму каде треба во родилиштата ширум земјата, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
И додека голем број од родилиштата кубурат со кадар, министерството за здравство и фондацијата Проект Хоуп ќе ги опремуваат со нови апарати. Нема одговор кој ќе работи на новата опрема.
– Денеска сме тука да го решиме проблемот со кој се соочувавме пред многу години во Холандија. Тука имате проблем со опремата, треба да се направат тренинзи на медицинскиот кадар кој има голема улога во сето ова, да се направат организациски промени, да се воведат услуги. Целта на овој состанок е тоа да се подобри, изјави Јан Ван ден Берг од Проект Хоуп.
Иако состојбата не е розова, Филипче вели дека мерките на Владата и министерството за намалување на доенечката смртност дале резултати и е оптимист дека така ќе биде и во иднина.