Научници откриле дека во телото на човекот постои структура што, всушност, можеби е најголемиот орган.
Истражувачи од Медицинскиот центар Лангон во Њујорк идентификувале нов вид орган, поточно се покажало дека она што се сметало за густо сврзно ткиво што се протега низ цел организам на човекот, всушност е мрежа од комори исполнети со течност, што служат како еден вид „амортизери“, односно орган за ублажување удари. Наречени „интерстициум“, овие поврзани делови се однесуваат како единствено место за проток на течност, што се простира од површинскиот слој на кожата, преку дигестивниот тракт, белите дробови и уринарниот систем, до крвните садови и фасцијата на мускулите.
Научниците сметаат дека меѓуклеточната течност ја пренесува токму интерстициумот, кој би можел да се смета за посебен орган. Се состои од цврсти (колагени) и флексибилни (еластични) протеини на сврзно ткиво, со интерстициска течност што се движи низ целото тело. Течноста од интерстициумот оди во лимфниот систем и се смета дека е извор на лимфата, што е клучна за имунолошкиот систем.
Ова откритие би можело да даде одговор на прашањето зошто ракот се шири побрзо (метастазира) кога ќе стигне до одделни делови од телото.
Дали интерстициумот навистина е нов, посебен орган, останува да се одреди со понатамошни истражувања.