Директорот на Здравствен дом – Скопје, доктор Виктор Исјановски, при денешната посета на новата амбуланта во Општина Бутел, соопшти дека е објавен оглас за нови 40 вработувања во рамките на оваа здравствена установа. Тој објасни дека ќе бидат вработени околу 40 здравствени работници, кадар што ќе биде ангажиран во Брзата помош и превентивните пунктови.
Како што посочи Исјановски огласот официјално е објавен во весниците „Слободен печат“ и „Коха“ и ќе трае пет работни дена.
– Ќе бидат примени 22 општи лекари, четворица специјалисти, потоа дефектолози, логопеди, психолози. Бројката е околу 40 и нешто вработувања во Здравствен дом – Скопје и ќе гледаме со тој кадар да се надополни во Брза помош и во превентивните пунктови каде што најмногу ни се потребни, изјави Исјановски.
Директорот на здравствената установа сподели и информација дека добиле допис од Министерството за здравство за седум нови санитетски возила за Брза помош за Град Скопје.