Оштетени и задоцнети пратки, но и писма и пакети кои никогаш не стигнуваат на крајната адреса. Ова се најчестите поплаки на македонските граѓани за поштенските услуги во земјава.
Според поштенските оператори, за либерализација е доволен сегашниот број од 33 приватни оператори. Тие покриваат 2% од пазарот и до крајот на годинава ќе се екипираат поради големиот обем на работа. До тогаш, револтираните купувачи со недели ќе ги чекаат производите од карго доставувачите.
– Приватните оператори стасуваат за тоа што го работат сега. Зголемен е обемот на е-трговија, но во сегашната ситуација на нелиберализиран пазар и пратките кои доаѓаат од надвор, како што се актуелните од „Али експрес“ и други одат преку „Македонска пошта“, рече Александар Милошевски, потпретседател на ССК.
Популарните карго сервиси доцнат со доставата, се жалат граѓаните. Велат производите често им се губат, а се случува да пристигнат и оштетени. Ова се само дел од сведоштва на незадоволни клиенти кои често се жалат на социјалните мрежи.
– Поради дрскиот и неодговорен однос од страна на вработените од Карго денеска официјално ја завршуваме соработката. Постојано се соочуваме со проблем на НЕпристигнати пратки, НЕизвестени клиенти, па дури и пратки вратени поради неодговорниот однос на вработените, се вели во статус на Фејсбук објавен од страна на фирма за продажба на детска облека.
Дел од купувачите велат дека одамна апелирале за непрофесионалниот однос на курирската компанија.
– Во пораст е продажбата преку интернет и рипна цената на каргото. Сакаат да се збогатат преку ноќ
– Катастрофа се, еве јас чекав пратка, сто пати се јавив до дома да ми ја донесат. И не само тоа туку и безобразни се, дури и слушалка трескаат.
Само во последните две години биле доставени близу 4.500 рекламации за достава преку „Македонска пошта“, а над 300 за другите даватели на поштенски услуги.
Од Агенцијата за пошти размислуваат за воведување на систем за следење на пратките, со цел да се подигне квалитетот на поштенските услуги.