По една година во дефект и обезбедени 50.000 евра за поправка, повторно е ставен во функција ангеографот на Интерно одделение во Клиничка болница во Штип.

Интервентниот кардиолог, Сашко Николов наведе дека вчера, пациент (37) кој е примен со развиен акутен инфаркт, веднаш е спасен, поради тоа што апаратот е ставен во фунција.

– Се изврши интервенција, стентирање на левата главна коронарна артерија и пациентот во стабилна здравствена состојба се наоѓа на одделот за интензивно лекување на интерно одделение, рече Николов.

Тој истакна дека ваквите интервенции за нив не се новина, а во моментот во ангеографската сала има доволно материјал за да се излезе во пресрет на 50 пациенти кои се запишани на листата за чекање.

– За жал имаше и такви кои починаа на пат кон Скопје или во нашата болница. Поради тоа, од круцијално значење е самата ангеографска единица да функционира, за да можеме да интервенираме веднаш. посочи Николов.

Капацитетот на ангеографската сала е од четири до пет интервенции дневно, дополнително се врши интервенција и на пациенти со акутен инфаркт. Во салата работат пет доктори, двајца интервентни кардиолози и тројца специјализанти на едукација.

Во изминатиот период од една година, итните пациенти од Истокот беа упатувани во Скопје.