Во земјава расте бројот на болни со најтешката болест, карциномот, велат бројките на Онкологија каде што има повеќе од пет илјади нови пациенти. Лекови за тешко болните луѓе има, но ништо не гарантира стопроцентен успех во лекувањето. Клучен фактор е колку рано пациентите се јавуваат на лекар.
Директорот на клиниката за онкологија, Др. Нино Васев, потенцира дека има 5200 нови пациенти. Тој вели дека многу од нив доаѓаат само да им се потврди болеста, а од 5200 пациенти со метастатски карциноми доаѓаат релативно 20% до 23%.
Најзастапен е ракот на дојка кој предничи во ваквите статистики, Но, за него карактеристично е тоа што пациентите ретко бараат второ мислење во раната фаза на болеста. Почнуваат да се плашаат дури тогаш кога болеста ќе напредне.
Др. Васев појаснува дека најмногу случаи годишно имаат со рак на дојка, потоа рак на гастроинтестинален систем, гинеколошки, па рак на белите дробови. Кај карциномот на белите дробови годишно има инциденца и морталитет скоро ист, а за ракот на дојка драстично е намален морталитетот, а зголемена инциденца.
Од Клиниката за онкологија тврдат дека имаат доволно лекови, 30 на број за различни состојби, а нив ги набавуваат со посебен тендер за две години.