Тим Кук уште во 2015 година рече дека седењето е нова форма на рак, односно дека исклучително штетно влијае на човековото здравје, пишува “Мондо”.
Сега, три години подоцна, компанијата од Купертин го укина седењето во своите канцеларии.
Епл своите вработени ќе ги опреми со канцелариски маси покрај кои ќе стојат додека работат, за да се минимизира седењето како “исклучително штетна животна навика”.
- На сите свои вработени им обезбедивме маси покрај кои можат да стојат сто отсто од своето работно време. Секако, масите имаат и копче кое ќе им овозможи да ги спуштат и малку да седнат, доколку така сакаат. Но, ние сакаме да ги охрабриме да стојат, бидејќи целодневното седење е погубно за здравјето, рекол Кук.
Тој во 2015 година го изјави следното на претставувањето на епл часовникот:
- Нашиот часовник има апликација која ве потсетува да станете доколку долго седите. Ако предолго седам, Епл Воч ќе ме потапка по рачниот зглоб и ќе ме потсети да станам, бидејќи многу лекари сметаат дека седењето е нова форма на рак. Сите наши вработени кои имаат епл часовник, имаат иста апликација, наместена да ги потсети да станат десет минути пред цел час седење. Ни требаше некое време да се навикнеме на фактот дека сите вработени наеднаш потскокнуваат и стануваат од масите во исто време, но тоа всушност е прекрасно.
Моделот на масата на која, односно покрај која ќе работат вработените во Епл паркот, се уште не е откриен, но претходно е објавено дека тие седат на столови марка “Витра” кои чинат 1.000 евра.