Само 6 кандидати се пријавиле на повикот на градоначалникот Петре Шилегов за оџачари. Во огласот кој го објави Градот пред 10 дена се бараа 25 лица.
Градоначалникот Шилегов на 30 април ги повика граѓаните да аплицираат за обуката за оџачари која ќе трае 3 месеци и после која ќе им се помогне да почнат сопствен бизнис. Овој проект како што најави Шилегов се спроведува како една од мерките за намалување на загадувањето на воздухот и поради тоа што во Скопје нема доволно оџачари за чистење на оџаците.
Поради малиот број на пријавени кандидати од кабинетот на градоначалникот Шилегов велат дека огласот ќе биде продолжен.
Во огласот се бараа 25 лица кои додека трае обуката ќе добиваат 9.000 денари месечен надоместок. По завршувањето на обуката, на секој кандидат, покрај сертификат, ќе му бидат обезбедени основни материјали за отворање сопствен бизнис за од септември да можат да почнат со работа. Од тогаш Градот ќе почне и со субвенционирање на домаќинствата за чистење на оџаците за што во буџетот се предвидени 10 милиони денари.