Македонските граѓани веќе два дена мака мачат со загадениот воздух низ целата земја. Алармантна е ситуацијата и во главниот град каде само вчера беа измерени 985 микрограми на метар кубен ПМ 10 честички.

Утрово најзагаден град во земјава е Куманово каде имаме загаденост од 100 микрограми на метар кубен ПМ 10 честички, слична е ситуацијата и во Центар, Ректоратот, Карпош, како и Лисиче и Миладиновци.

На новинарско прашање која е причината за загадениот воздух, од Министерството за животна средина посочиле дека причината е топлотниот бран кој ја зафати нашата земја овие денови.

– Среднодневните концентрации на ПМ 10 честичките за 22.06 .2021 се благо надминати на речиси сите мерни места, освен на мерното место во Гевгелија. Во прилог е табелата со измерените среднодневни концентрации на ПМ 10 честичките. При анализа на квалитетот на воздухот се зема предвид и временската прогноза која ја добиваме од УХРМ. Според последниот неформален разговор со УХМР во изминативе денови забележено е движење на топла воздушна маса која носи прекугранична прашина (се претпоставува дека станува збор за пустински ветер) и истиот може да продолжи и во наредните денови. Од таа причина забележано е надминување на среднодневната концентрација на ПМ 10 честичките и на мерното место во Лазарополе во која во вообичаени услови нема надминување, одговараат од министерството.

Во врска со забележаната висока вредност на ПМ 10 суспендираните честички на мерното место Ректорат и Миладиновци од МЗ велат дека тоа е резултат на прекин на напојување со електрична енергија при што настанува прекин во мерењата на сите параметри за квалитет на воздух вклучувајќи ги и мерењата на концентрацијата на ПМ 10 честичките.

-По доаѓањето на електричната енергија мерните инструменти се рестартираат, а појавените високи вредности на измерени концентрации на суспендираните ПМ честички се случуваат поради процесот на стабилизација на инструментот по неговото повторно ставање во функција и се невалидни, велат од таму.

В.Д директорката пак на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска на прашањето дали се излезени на терен вели дека тоа постојано го прават, но дека оваа настаната ситуација е поради климатска појава.

– На други загадувачи во Скопје во овој момент, инспекторите се постојано на терен, оваа ново настаната ситуација е поради климатската појава на ветерот од Сахара, посочува Петровска. Таа додава дека иако има повеќе градилишта во Скопје во лето не се случило толку големо ниво на загаденост.

И покрај се Македонија се наоѓа на петтото место по загаденост во светот, веднаш по Индонезија, Кина и Индија.