Побргу ќе се заврши со прегледот отколку да се најде паркинг во Клиничкиот центар. Ова е најчестиот коментар на граѓаните кои ги затекнавме во кругот на Клинички. Сликата секој ден е иста. Гужва, сообраќаен хаос, расправии…Граѓаните со саати вртат кругови околу клиниките за да најдат место каде да го паркираат автомобилот. Ова е децениски проблем.
-Еве го тикетот, плаќам а нема каде да паркирам, ова на ништо не личи. Два саати чекам и вртам додека најдам паркинг место. Ова не е добро, не може со саати да се малтертираме за паркинг, нигде го нема овде, ставаат паркинзи кај што не треба, а овде ниту катна гаража нема, реагираат револтирани граѓани.
Здравствените власти велат дека се свесни за хаосот и бараат решение.
-На местото на старата Гинекологија ќе има монтажна катна гаража на пет ката, но откако Министерството за здравство ги обезбеди неопходните документи од надлежните институции. Министерот Филипче вели дека ова ќе ги намали нервозите кај граѓаните, кои повеќе време поминуваат во барање на паркинг место отколку во добивање на здравствена услуга.
Катната гаража според Филипче е времено решение додека не биде изграден новиот клинички центар во Бардовци. Засега е непознато колку пари ќе чини и дали министерството ќе плаќа пенали на италијанската фирма, која беше ангажирана од претходната Влада за да го изгради комплексот на сегашната локација.
-Неделава ќе имаме средба и ќе видиме дали постои можност да не плаќаме пенали, туку фирмата да биде ангажирана во некои други проекти, вели Венко Филипче, министер за здравство.
Во меѓувреме, работни групи од град Скопје и општина Карпош работат на репшавање на имотно правните односи во Бардовци.