Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека Ромите ќе бидат граѓани од втор ред сѐ додека не успеат да ги вклучат во општеството, да им понудиме еднакви услови за образование, вработување, домување, здравствена заштита.
Таа вели дека во нашето општество помеѓу групите коишто имаат и немаат, има луѓе кои не можат да пристапат до основните нивоа.
„Тоа е дека не можете да си обезбедите да одите во училиште затоа што немате место каде да живеете, да се избањате и да изгледате соодветно како за на училиште затоа што наставничката во исто време ве исклучува. Центарот за социјални работи не сака да соработува со вас затоа што тој чувствува дека има само потреба од исплата на социјална парична помош, нешто е згрешено во нашето општество. Јас како социјален работник тоа го тврдам, не било така и целиот систем наш државен памти, дека Македонија била социјална држава и давала можност на секој подеднакво да се вклучи и тогаш имало маргинализирани, исклучени групи, во многу помал процент, но денеска навистина со таа разлика меѓу богатите и сиромашните се создадоа поголеми групи на граѓани коишто се незадоволни од одговорот на системот“- вели Царовска.
Царовска не смета дека Ромите се заборавени и дека на партиите на нив им текнува само за избори, а за последните 6 месеци од 2017 година вели дека не беа изборни.
„На убави места во Министерството имаме Роми и тоа се мои блиски соработници. Едната е раководител на сектор за техничка поддршка моја, навистина ја ценам и тоа е госпоѓа која што е административец долги години и придонесува за имплементација на декадата и стратегијата. Имаме државен советник која е Ромка исто така, работи на недискриминација, еднакви можности итн. Имаме уште доста Роми коишто се вработени. Имаме луѓе коишто не само затоа што се Роми, туку и се квалитетни и се посветени на работата“- рече Царовска.
За децата на улица вели дека бројката е променлива. Царовска ќе се труди Ромите да бидат вклучени во општеството ама не се изјасни докрај и не кажа како планира да го стори тоа. Не е само да се изрази грижа туку со тоа и утре нешто да се направи!