Шуга во основното училиште „Владо Тасевски“ во скопско Козле. Оваа информација ја споделија родители чии деца учат таму. Дознале во разговор меѓу себе и од наставници кои скришум информирале за состојбата. Случајот е регистриран минатиот четврток, а штури информации добиле дури вчера, односно шестиот ден од пријавата.
Обврска да се информира за оваа загрижувачка ситуација има директно директорката на училиштето, но таа молчела. Додека не доби новинарско прашање, молчеше и Министерството за образование и наука. Општина Карпош, пак, како одговорна за училиштата на нејзина територија, со соопштение излезе дури откако алармираа медиумите.
Родители вчера бурно реагираа на социјалните мрежи. Велат дека случаи на деца со шуга имало, а дека за тоа ниту биле лично известени, ниту имало вонредна родителска средба. Немало ниту обично соопштение во училиштето. Нивниот револт е сосема оправдан бидејќи грижата за нивните деца за нив е најважна.
По алармот од страна на родителите, КУРИР веднаш побара одговор од Министерството за образование и наука од каде ни потврдија дека кај дечиња од тоа училиште е појавена шуга.
Портпаролот Владимир Делов прво не беше воопшто запознаен со ситуацијата, па по првиот разговор ни рече дека ќе се распраша и ќе ни се јави. Така и беше. Во вториот разговор со него, тој потври дека две дечиња од ова училиште имале шуга.
-Станува збор за две дечиња кои се од исто семејство. По пријавување на случајот, веднаш екипа на Центарот за јавно здравје излезе на терен и направи проверка кај децата од тие одделенија. Констатирано е дека освен кај овие две деца, други случаи нема. Во училиштето е направена целосна дезинфекција, изјави вчера за КУРИР портпаролот на МОН.
Иако веднаш беше за осуда фактот што МОН молчеше пред да биде запрашано, најважно ни беше да ги информираме родителите дека во моментов состојбата е мирна.
Како што ни кажаа, екипи на Центарот за јавно здравје веќе биле на терен, извршена е проверка кај дечињата и е донесена одлука за целосна дезинфекција која е направена. За сето ова се потребни неколку дена. Денови во кои надлежните молчат, а децата се во еден вид на опасност.
Со реакција подоцна излезе општина Карпош.
Веднаш, во првата реченица на нивното соопштение стои: Општина Карпош ја следи состојбата во основното училиште „Владо Тасевски“, во врска со случајот на појава на шуга кај двајца ученици.
-Станува збор за дечиња кои доаѓаат од исто семејство, брат и сестра, при што едното било заразено од шуга, а другото дете поради превентивни причини не посетува настава. Веднаш по пријавата на овој случај, Центарот за јавно здравје по службена должност излезе на терен и направи прегледи кај учениците од двете одделенија. По извршените медицински прегледи, констатирано е дека кај другите ученици нема појава на шуга. Исто така, преземени се мерки на дезинфекција и дезинсекција, за целосна заштита на учениците и спречување на ширење на заразата во просториите на училиштето. Како резултат на појавата на шуга, известени се и матичните лекари од подрачјето на населбата Козле, кои преземаа мерки за интервентни прегледи на останатите ученици. Во овие моменти, состојбата е стабилна и нема нови случаи на појава на шуга кај други ученици, се наведува во соопштението на општината.
КУРИР го пренесе и ова соопштение во целост. Општината информира за сите спроведени мерки по дојавата дека е појавена шуга кај деца од ова училиште.Дека состојбата е загрижувачка покажува и фактот што општината превзела дополнителни мерки за заштита и претпазливост како што е известување на матичните лекари.
-Општина Карпош преку Одделението за детска, социјална и здравствена заштита и Одделението за образование, останува во постојана координација со раководството на училиштето, со родителите, Министерството за образование и наука и здравствените установи, со цел да овозможи заштита на учениците во ООУ „Владо Тасевски” и нормално следење на наставниот процес, се наведува во соопштението од општината.
И после сево ова, до медиумските редакции пристигнува уште едно, ново, соопштение на МОН. Прво за овој случај бидејќи изјавата која вчера ја пренесовме, ја побаравме сами.
На соопштението наслов си ставиле сами и истиот гласи: „Нема шуга во Владо Тасевски – училиштето е безбедно“.
Информациите пренесени за овој загрижувачки случај, темелени врз изјави и соопштенија, за МОН биле шпекулации и дезинформации.
-Министерството за образование и наука ги демантира шпекулациите и дезинформациите кои се појавија во дел од медиумите во врска со појавата на заразната болест во основното училиште „Владо Тасевски“ во општина Карпош. Ја уверуваме јавноста дека во училиштето нема појава на заразна болест, а родителите можат да бидат спокојни и сигурни дека нивните деца се безбедни. Станува збор за случај пријавен минатиот четврток од страна на родителот на детето, за изолиран случај што се јавува во одредено семејство, кој е совесно пријавен од страна на родителот. По добивањето на пријавата, директорката на училиштето веднаш презема итни превентивни мерки, и од страна на Центарот за јавно здравје направен е систематски преглед кај учениците од овие паралелки, по што било утврдено дека нема присуство и други случаи на заразна болест во училиштето, туку дека станува збор за изолиран случај што не се јавува во училиштето. Дополнително, по завршувањето на наставата од страна на Центарот за јавно здравје, повторно превентивно, направена е целосна дезинфекција и дезинсекција на училишниот објект, се наведува во соопштението на МОН.
Имало или немало шуга во училиштето? МОН и општина Карпош со сосема спротивни тврдења. Прашањето „Зошто не можат да се договорат“ паѓа во втор план бидејќи единствено важно во моментов е дечињата да бидат здрави, а нивните родители итно да бидат известувани за секој случај од овој вид.