Весна Алексовска, претседателка на здружението за ретки болести „Живот со предизвици“, денес на својот фејсбук профил го искажа својот револт во однос на масовната вакцинација на населението во Македонија која е во тек.
Таа е пациент со болест на Гоше или Гошева болест што значи дека има ретко наследно генетско нарушување при кое одреден ензим се акумулира во одредени клетки и органи. Нарушувањето се карактеризира со модринки, замор, анемија, тромбоцитопенија, хепатомегалија и спленомегалија.
Во својата објава таа посочува дека е пријавена за вакцина уште од кога е излезен сајтот, а уште нема термин за вакцина. Во меѓувреме лицата со ретки болести не се наоѓаат на приоритетната листа за вакцинација.
– Ептен ред, нели. Пријавена сум уште кога излезе сајтот и со ретка болест. Има други како мене со поризични болести. Си чекаме ред. Во меѓувреме и 20 годишни стигнале. Алал, пишува Алексовска на Фејсбук.
Во периодов се вакцинираат лицата над 70 години, а тече и вакцинирањето на вработените во институциите кои се карактеризирани како критична инфраструктура.