Епидемиолошката состојба со Ковид-19 во земјава, според надлежните, е стабилна. Поради подобрената епидемиолошка состојба, Владата вчера донесе одлука за укинување на сите ковид-мерки, со исклучок на задолжителното носење заштитни маски во здравствените домови, аптеките и центрите за нега на стари лица и лица со посебни потреби.
– Со заклучок од седницата, Владата ги реафирмира препораките за почитување и практикување на основните превентивни мерки за заштита како што се негрупирање и одржување физичка дистанца, носење заштитни маски на јавни места, посебно во затворен простор кога нема можност за физичка дистанца, како и редовна лична хигиена, проветрување на затворените простории и самоизолација во домашни услови при услови на симптоми на заболувања на респираторниот систем, соопштија вчера од владината прес-служба.
Со заклучоците од седницата на Владата им се препорачува на здравствените домови да ја интензивираат теренската вакцинација на возрасните лица над 80 години заради нискиот опфат со имунизација на оваа старосна група, како и да продолжи вакцинацијата меѓу здравствените работници.
Од Комисијата за заразни болести порачуваат дека вакцинацијата и понатаму останува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението. Комисијата на дневна основа ја следи состојбата со КОВИД-19 и како што соопшти претходно Министерството за здравство, доколку има потреба ќе бидат препорачани нови мерки.