Со зголемувањето на температурите и сончевото време се поголем број граѓани се одлучуваат на прошетки во природа. Но со порастот на температурите, се зголемува и бројот на крлежи така што треба да бидеме внимателни. Станува збор за паразит кој најчесто се забележува откако ќе не касне, а доколку не се отстрани стручно и се обидеме сами да го извадиме можни се сериозни компликации.
Деновиве, на Инфективната клиника и во старата Градска болница, голем број наши сограѓани побарале лекарска помош поради каснување од овој паразит. Препорака на лекарите е да се отстрани крлежот стручно, со лекарска помош, во рок од 24 часа, бидејќи ако сами го вадите главата од крлежот може да остане во телото.
Затоа треба да бидеме повнимателни, бидејќи со порастот на температурите, можно е и нивното поголемо размножување. Лекарите апелираат до граѓаните, доколку престојуваат во природа, да практикуваат да носат лесна облека со долги ракави и ногавици, а по враќањето дома, да ги прегледаат кожата и косата.