ЈЗУ Клиничка болница – Битола повикала претставници на фирмата производител на акцелераторот кој веќе 10 години не е работи, со цел да биде поправен и ставен во функција, изјави денеска директорката Елизабета Ивановска по промоцијата на хеликоптерот за итна медицинска помош во Битола.
За да се употребува, акцелераторот во битолската болница треба да биде поправен. Ивановска, потврди дека акцелераторот 10 години не работи, но со поддршка на Министерството за здравство се очекува проблемот да биде надминат.
„Во Битола акцелераторот е донесен пред многу години, а не беше во употреба. Сега со поддршка од Министерството за здравство повикавме претставник на производителот да го поправи чилерот на акцелератор и да се обезбеди компјутер – симулатор“, истакна Ивановска.
Акцелераторот е набавен и донесен во битолската Клиничка болница во 2013 година, но, до ден денес не е во функција, а барање за негова работа, освен од онколошките пациенти, имаше и од Заводот за ревизија во ревизорски извештај.