Родители од внатрешноста болните деца на преглед ќе ги носат во скопските болници. За две години ќе останат само 13 матични педијатри и како што предупредуваат од педијатриското здружение, ќе нема кој да ги лекува најмладите. Најкритичен според нив е источниот регион во земјата каде и сега нема детски лекари.
Тоа е загрижувачка ситуација и ние како Здружение на педијатри постојано предупредуваме и алармираме дека така не може. Ќе дојде ситуација кога ќе патуваат до Скопје, а и овде имаме веќе недостиг со болнички педијатри. Мора да се најде некое решение, вели др. Аспазија Софијанова, претседател на Здружение на педијатри.
Проблемот според Софијанова е со години наназад, кога поради погрешни политики немало доволно специјализации за педијатрија и последиците веќе се чуствуваат. Од педијатриското здружение се револтирани што многумина мислат дека педијатарот може да го замени и општ лекар.
-Мора да се направи дистинкција, не може тоа така. Не е исто дете и возрасен, ниту дозирање на лекови ниту пак некои детски дијагнози. Не за џабе постои одделот педијатрија, тоа е посебна наука, вели Софијанова.
Освен зголемување на бројот на специјализации за педијатрија, од Здружението бараат и поголема мотивација за младите лекари да останат во државата. Пред една недела Софијанова како професор на Медицински факултет, останала разочарана од изјавата на група студенти кои ја известиле дека ќе заминат на работа во Германија.
Според податоците од Лекарска Комора, тие се само мал број од здравствените работници кои својата иднина ја гледаат во странство.